Ангеловски: Немавме среќа со ждрепката, нека биде фортуната со нас на терен

Игор Ангеловски вели дека мора најпрво да мислиме на полуфиналниот меч со Косово по денешната ждрепка во Нион, на која среќата не ни се насмевна и евентуалното финале ќе мора да го играме на гостински терен, на 31 март во Грузија или во Белорусија.

„Не ни се насмевна среќата на ждрепката, но поважно е фортуната да биде на наша страна на теренот. Мора да мислиме прво на дуелот со Косово за да стигнеме до финалето. Мислам дека на тој меч, еден за пласман на Европското првенство, мотиви ќе има до максимум и нема да прави разлика дали ќе бидеме домаќини или гости. Но, прво да го направиме првиот чекор и да го победиме Косово. Тоа е најважно во моментов“, изјави макединскиот селектор.

Со Косово ќе играме дома, во Скопје или во Струмица на 26 март во полуфиналето од Сегментот Д во Лигата на нациите. Денешната ждрепка во Нион одлучи победникот од овој меч да ѝ биде гостин на Грузија или на Белорусија на 31. март, во завршниот меч за шампион во Сегментот Д, но што е уште поважно, и за пласман на ЕП 2020.

- Оглас -

Најнови вести