Ангеловски: Одиме на победа, ќе му ја посветиме на Елмас

Македонија стигна на два чекори до настап на големо натпреварување, а до учество на европското првенство следната година ни треба најпрво победа против Косово на 8 октомври и потоа успех и во финалето од првото издание на Лигата на нациите, на гостински терен против Грузија или Белорусија.

Селекторот Игор Ангеловски не може да смета на Елиф Елмас за мечот што на националната арена „Тодор Проески“ за три дена ќе го играме против Косово, но очекува тимскиот дух и квалитетот на останатите репрезентативци предводени од капитенот Горан Пандев да победат и за себе и за навивачите на Македонија, но и за Елиф Елмас.

„Ми е жал што Елмас не е тука со нас и му посакувам што поскоро да се врати на терен. Но и со фудбалерите што ги имаме на располагање сме доволно квалитетни и тие се кадарни да го надополнат неговото отсуство. Секогаш велам дека тимскиот дух може да надополни секаков хендикеп.

Ова е натпревар што може да не доближи до Европското првенство, се надевам дека ние ќе играме финале. За мене историски ќе биде првиот дуел на ЕП.

Се радувам што и Пандев е со нас. Сите знаеме од какво значење е неговото присуство за Македонија, а јас уште подобро знам колкава е неговата желба за настап на големо натпреварување. Очекувам да одиграме добар меч и да забележиме успех“, изјави селекторот Игор Ангеловски.

- Оглас -

Најнови вести