Игор Ангеловски повеќе не е тренер во кипарскиот прволигаш Етникос Ахна. Поранешниот селектор на Македонија влезе во серија од шест порази, па како што самиот објавува, решил да си замине од клубот.
„Денес остварив состанок на мое барање со претседателот на Етникос Ахна г. Кикис Филипос и ја поднесов мојата оставка на позиција главен тренер, а заедно со мене заминува и мојот асистент Милан Илиевски. Победите и поразите се составен дел од фудбалската игра но оставката е чин на морална одговорност. Му благодарам на претседателот за укажаната доверба, на сите вработени, навивачи и фудбалери за соработката. Им посакувам понатамошни успеси во иднина на личен и професионален план“, објавува Ангеловски на својот фејсбук профил.
Заминувањето на Ангеловски доаѓа непосредно пред Фудбалската федерација на Македонија да донесе одлука за тоа кој ќе биде нов селектор на националниот тим. Ангеловски беше човекот кој ја предводеше Македонија на првото историско Европско првенство, па останува во следниот период, до 25 декември да видиме дали ова може да значи и негово враќање на кормилото на репрезентација на Македонија.


