Ангеловски повикува на внимание: Летонија е опасна во воздушните дуели

Летонија нема да биде лесен залак за Македонија, иако утре, според многу фудбалски параметри, ние сме фаворити на стартот на новиот квалификациски циклус за пласман на Европското првенство во 2020 година.

Селекторот Игор Ангеловски повикува на внимание, а потенцира дека најсилното оружје на Летонците е скок-играта и прекините.

„Најсилното оружје на Летонија се прекините и воздушните дуели. Тука ќе мора многу да внимаваме. Имаа и слабости и се надевам дека ќе ги искористиме. Секако дека со новиот селектор ќе сакаат да променат нешто, бидејќи не играа добро во Лигата на нациите. Тешко даваат, но и тешко примаат голови, но повторно ќе кажам, сакам да размислувам само за нашата игра и пристапот и ако ги повториме изданијата од Лигата на нациите, имаме добри шанси со победа да ги почнеме квалификациите. Имам голема среќа да работам со исклучителни момци во репрезентацијата, сите заедно сме како едно големо и среќно семејство и верувам дека ќе продолжиме со добрите настапи, како што беше во циклусот мечеви во Лигата на нациите“, изјави Ангеловски.

Додаде дека веќе го знае составот со кој Македонија ќе атакува на победа против Летонија утре, од 20.45 часот, на националната арена „Филип Втори“ во Скопје.

 

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести