Ангеловски: Третото место е супер, но сепак сакаме пласман на ЕП

Македонија славеше минимално во Скопје. Со 1-0 ја совлада селекцијата на Израел за освојување на третото место во квалификациската група за ЕП 2020. Нашата репрезентација за првпат во својата историја постигнува ваков подвиг, но, сепак, селекторот Игор Ангеловски не се радува премногу бидејќи сака да осигури пласман на финалниот турнир, а шанса за такво нешто имаме преку плејофот во Лигата на нациите.

„Најпрво, не би се согласил дека е лесна група. Игравме против Австрија, Полска, Израел, тие никако не се лесни противници. Не смеевме да пропуштиме неколку бодови, на пример, како гостувањето во Израел и Словенија. Да беше поинаку, ќе бевме егал со второпласираната селекција. Мене ми е мило што соработувам со овие фудбалери, но третото место, сепак, не е посебен успех. Затоа сега ќе се фокусираме на Лигата на нациите и преку тоа натпреварување да обезбедиме историски пласман. Пред сè, би сакал да го избегнам она што ни се случи во овој циклус. Загубивме неколку стандардни првотимци поради повреди, но тоа се покажа како шанса за неколку млади играчи да дебитираат. Би сакал сите мои репрезентативци да имаат што поголема минутажа во своите екипи, но прво да бидат здрави и максимално подготвени за секој предизвик“, изјави селекторот Ангеловски.

- Оглас -

Најнови вести