Ангеловски: Жалам само што не ги наградивме навивачите со победа

Игор Ангеловски е задоволен од првиот тест на македонската репрезентација вечерва против Словенија, на меч што заврши нерешено 1:1. Особено популарниот Мрме ги истакна добрите моменти од второто полувреме, кога потполно ги надигравме Словенците, но, за жал, и не ја материјализиравме доминацијата.

„Благодарност најпрво до навивачите за поддршката и единствено што жалам е што не ги наградивме со победа. Резултатот сепак не е толку важен бидејќи ова е сепак подготвителен период. По победата против Германија, ова ни беше прв меч и задоволен сум. Им благодарам на господинот Матијаж Кек и на луѓето од Словенечката федерација за гостувањето. На некој начин Словенците требаше да ја одглумат играта на Австријците. Соседни земји се, играат сличен фудбал и во иста формација и ова беше добар тест за нас. Имаме доволно време за да ги коригираме грешките до 13 јуни.

Имаше и добри моменти, особено во второто полувреме, кога и буквално не дозволивме гостите да дојдат до нашиот шеснаесетник. За жал, примивме гол во последните моменти, што треба да ни биде добра поука дека не смее да има опуштање до крајот на секој меч. Ќе играме на европско првенство и такви грешки можат да бидат кобни на турнир со најдобрите репрезентации на Стариот Континент“, изјави Ангеловски.

 

- Оглас -

Најнови вести