Додека Фудбалската федерација на Македонија се фали со новиот терен со хибридна трева (70 проценти вештачка и 30 отсто природна) и тревникот изгледа многу подобро отколку порано, Англичаните не се импресионирани и стравуваат од новата подлога во Скопје.
Англиски медиуми пишуваат дека инспекцијата на англиската селекција утврдила дека новиот терен е многу тврд, па премиерлигашките клубови се плашеле од можна повреда и ќе стискаат палци да не се случи тоа.
Англичаните синоќа по пристигнувањето во Скопје, не тренираа на Арената „Тодор Проески“. Селекторот Герет Саутгејт кажа дека знае дека има нова трева, но не ја проверил лично и не може да каже дали теренот е премногу тврд.
Инаку, Англичаните потсетуваат и на една ситуација од пред три години, кога Тотенхем гостуваше во Скопје на меч против Шкендија, а мораше да се смени едниот гол затоа што беше со помали димензии од потребното.