Англиските репрезентативци подготвија сценарио што би правеле ако за време на гостувањето кај Бугарија на 14-ти октомври од трибините се слушаат расистички навреди и извици. Младиот Тами Абрахам рече дека се подготвени и да го напуштат теренот во знак на протест ако се случи такво нешто.
Селекторот Герет Саутгејт предупреди дека се плаши дека е можен расизам во Софија и затоа играчите добиле инструкции како да постапат ако бидат навредувани.
Протоколот на УЕФА вклучува три чекори. Првиот е судијата да ја запре играта во траење од една минута и да побара преку разглас да запрат навредите. Ако се продолжи во ист стил, судијата може да го прекине мечот на подолго и да има последна опомена до публиката. Третиот чекор е прекин на мечот.
Капитенот Хари Кејн потврди дека ако има такви работи во Софија, целиот тим ќе излезе, без разлика на резултатот во тој момент.
„Запознати сме во детали со процедурата на УЕФА при расизам. Но Хари Кејн објави дека сите ќе излеземе од теренот ако барем еден од нас биде навредуван. Ако се случи и има предупредување, а навредите продолжат, ние ќе излеземе, без разлика на последиците. Се надевам дека тоа нема да се случи”, рече Абрахам.
Англичаните в петок гостуваат кај Чешка, а и таму се плашат дека може да се слушне расизам, но Софија им е поризична бидејќи Бугарите веќе беа казнети од УЕФА за таков прекршок.