Англиските медиуми објавија интересна сторија за развојот на настаните во Премиерлигата во услови на криза и заклучокот е дека во најсилната лига има малку капитени на клубовите со карактер да ги заштитат соиграчите и покажуваат слаб лидерски капацитет.
„Каде е Пјер-Емерик Обамејанг да се побуни и да се обиде да ги заштити соиграчите од најавеното намалување на платите. Замислете вакво нешто да се случеше во ерата на Тони Адамс и на Патрик Вјеира. Споредбата е незамислива. Истото се случува и во Манчестер сити, па капитенот Давид Силва воопшто и не присуствувал на состанокот. Пјер Хојберг прв прифати кратење на платите во Саутемптон, нешто што како реакција би било неостварливо во периодот кога капитен на клубот беше Мет Летисие. И кај другите клубови ситуацијата е слична, па можеме да заклучиме дека Премиерлигата има слаб капацитет на лидерство што пред се треба да го покажат капитените на клубовите“, пишува Мартин Самуел, новинар на „Дејлимејл“.
Арсенал најави кратење на платите на фудбалерите во висина од околу 12 проценти, а интересно е што капитенот Обамејанг повеќе се интересира за тоа како да си замине од клубот со кој има договор до следното лето.
Од Сити ќе си оди и Давид Силва, а отпор како предводници на терен на своите соиграчи не покажаа ниту останатите капитени на клубовите од Премиерлигата, поентира Самуел.