Англичаните за стадионот во Тетово велат дека е полош од Чернобил

Откако го дознаа името на противникот во следното коло од квалификациите за Лигата на Европа, а тоа е тетовската Шкендија, навивачите на Тотенхем почнаа да бараат податоци за клубот и типично за нив, со потценувачки однос почнаа да коментираат по социјалните мрежи. Објавуваат фотографии од стадионот во Тетово, за кој велат дека личи на Чернобил, а има и такви кои велат дека е уште полошо.

Нивната неинформираност се обидуваат да ја поправат некои подобри познавачи кои им објавуваат дека мечот ќе се игра на убав стадион во Скопје, но за Англичаните поинтересно е да се шегуваат на сметка на изгледот на стадионот во Тетово, на кој Шкендија ги игра домашните мечеви во лигата и Купот на Македонија.

Прават и црно-бели слики од една фотографија при магла за да делува уште полошо местото на кое „ќе гостува“ нивниот Тотенхем.

Има и такви кои објавуваат фотографии од околината на стадионот и состојбата ја оценуваат како „ова личи на место за нуклеарен отпад“.

Тренерот на Тотенхем, Жозе Мурињо, по победата над Локомотив Пловдив, рече дека не знае ништо за Шкендија и дека ќе соберат информации деновиве, додава дека поради тоа што се игра само еден меч, мора да бидат претпазливи, но пред тоа имаат два меча в недела и вторник.

- Оглас -

Најнови вести