Англија и покрај раната елиминација на Мундијалот, остана најскапа репрезентација, светскиот шампион не е меѓу првите пет

По завршувањето на Светското првенство во Катар, специјализираната интернет-страница Трансфермаркт ја ажурираше листата на највредни репрезентации, но на врвот нема промени, најскап национален тим останува Англија.

Вредноста на англиските репрезентативци, Трансфермаркт ја процени на 1.28 милијарда евра. Најскапи фудбалери во Гордиот Албион се Фил Фоден и Џад Белингам, кои се проценети на 110 милиони евра, а Букајо Сака е проценет на 100 милиони.

Потоа следуваат Хари Кејн (90 милиони), Деклан Рајс (80 милиони), Мејсон Маунт (75 милиони), Џек Грилиш, Рахим Стерлинг и Трент Александер-Арнолд, кои сега вредат по 70 милиони евра.

Пазарната вредност на Бразил е 1.15 милијарди евра. Најскап играч е напаѓачот на Реал Мадрид, Винисиус жуниор, кој е проценет на 120 милиони евра, а потоа следуваат Родриго (80 милиони), Антони, Габриел Жесус и Нејмар (75 милиони).

Трета најскапа репрезентација е Франција, која е проценета на 1.06 милијарди евра, а по одличните игри на СП во Катар, вредноста на Килијан Мбапе се зголеми за 20 милиони и сега вреди 180 милиони.

Светскиот шампион Аргентина се наоѓа дури на седмото место со состав вреден 710.2 милиони евра. Интересно е што најскап играч е Лаутаро Мартинес, кој е проценет на 75 милиони евра, но дури седуммина фудбалери ја зголемија вредноста со одличните игри во Катар.

Тоа се Кристијан Ромеро, кој сега е проценет на 60 милиони евра, пет повеќе од минатиот месец, потоа Енцо Фернадес (од 35 на 55 милиони), Хулијан Алварес (од 32 на 50 милиони), Алексис Мекалистер (од 32 на 42 милиони), Родриго де Паул (од 35 на 40 милиони), Емилијано Мартинес (од 25 на 28 милиони) и Молина (од 18 на 22 милиони).

Топ 10 највредни репрезентации
1. Англија – 1.28 милијарда евра
2. Бразил – 1.15 милијарда
3. Франција – 1.06 милијарда
4. Германија – 890.5 милиони евра
5. Шпанија – 872 милиони
6. Португалија – 871 милиони
7. Аргентина – 710.2 милиони
8. Холандија 605.25 милиони
9. Италија 585.5 милиони
10. Белгија 555.7 милиони

- Оглас -

Најнови вести