Англија уште не го знае противникот, но веќе знае со кој резултат ќе победи!?

Англија како првопласирана ја заврши групната фаза на Европското првенство и сега е во исчекување на противникот во осминафиналето. Гордиот Албион заврши со две победи и едно реми и без ниту еден примен погодок. Двата триумфа беа идентични со 1:0, против Чешка и Хрватска, а 0:0 заврши дербито со Шкотска.

Тимот на селекторот Герет Саутгејт игра одлично и девет меча е без пораз. Во овие девет средби, дури на седум Англија успеа да не прими гол, а тоа што е уште поинтересно, селекцијата како да се специјализира за минимални победи.

Во последните пет меча, Англија има четири победи и сите се со идентични 1:0. Освен Чешка и Хрватска на ЕП, со истиот резултат во подготвителниот период беа поразени и Романија и Австрија. Едноставно Гордиот Албион се специјализира за победи од 1:0, па многумина очекуваат дека тоа може да биде и резултатот од следното осминафинале.

Засега уште не се знае противникот на Англија, но тоа треба да биде некој од големите ривали, Франција, Германија или Португалија. Ќе биде интересно да се види дали Англија ќе го продолжи трендот со гранитна одбрана и само еден добар потег за да се пласира во четвртфиналето на ЕП.

- Оглас -

Најнови вести