Репрезентациите на Португалија и Франција одиграа 120 минути без голови, за потоа патникот во полуфиналето да го решаваат на пенали. За португалците тоа беше втор натпревар за само четири дена на кој играа продолженија, после оној против Словенија, а англиските легенди, сега стручни коментатори на Би-Би-Си, Рио Фердинанд и Гери Линекер имаат предлог до УЕФА и ФИФА.
„Овие денови се повеќе размислувам дали продолженијата имаат смисла. Крај е на една неверојатно тешка сезона, а од фудбалерите се бара да играат многу натпревари. Мислам дека тоа е една од причините зошто фудбалерите на овој турнир изгледаат многу заморни. Можеби треба да им дадеме нешто за возврат, можеби треба да се укинат продолженијата. Кога ќе дојде до нив, секако сите сакаат да гледаат пенали.“ – рече Линекер.
Со ваквото размислување се согласува и Рио Фердинанд.
„Ќе дојде до точка на пукање. Играчите ќе пукнат. Ако продолжиме да измислуваме нови натпреварувања и нови натпревари, играчите ќе пукнат. Мислам дека тоа не е фер кон нив. Мора да се пронајде начин да се намали минутажата која ја играат. Наместо да се играат продолженија, може веднаш да се премине на изведување на пенали.“ – вели Рио Фердинанд.
Во исто време со Европското првенство се игра и Копа Америка, но на ова натпреварување ако нема победник после 90 минути, се изведуваат пенали, а продолженија ќе се играат само на финалниот натпревар, ако нема победник во регуларните 90 минути.