Неколку невладени организации во Ангола апелираа до аргентинската фудбалска репрезентација и до капитенот Лионел Меси да го откажат пријателскиот натпревар во Ангола. Ова барање е откако 30 лица загинаа во Луанда минатиот месец, во протестите против зголемувањето на цените на горивата.
Анголската фудбалска федерација неодамна објави дека Аргентина ќе ја посети Луанда во ноември за да ја прослави 50-годишнината од независноста на јужноафриканската земја. Сепак, Аргентинската фудбалска асоцијација (АФА) сè уште не потврди дека натпреварот ќе се одржи.
Во отворено писмо до Аргентинската фудбалска асоцијација, националниот тим и добротворната организација Фондација „Лионел Меси“, четири граѓански организации ги обвинија властите на Ангола за „системска репресија“. Организациите, исто така, побараа натпреварот да биде откажан откако 30 лица загинаа во протестите против зголемувањето на цените на горивата минатиот месец.
„Инвестирањето милиони долари во спортски настан додека илјадници луѓе страдаат од глад, додека болниците се уриваат и додека репресијата се зголемува не е легитимен приоритет, тоа е навреда за човечкото достоинство“, стои во реакцијата на невладините организации, повикувајќи го Меси на „храбар, етички и хуманитарен чин“, барајќи откажување на овој натпревар.
Ангола е еден од водечките производители на нафта во Африка, но според Светската банка, околу една третина од населението од речиси 38 милиони живее во сиромаштија.