Поранешниот напаѓач на Арсенал, Барселона и на француската репрезентација, Тиери Анри, денеска е именуван за нов селектор на младата репрезентација на Триколорите со 21 година.
Тој со Фудбалската федерација на Франција потпиша двегодишен договор и главна цел на легендарниот фудбалер ќе му биде настапот на Летните олимписки игри кои ќе се одржат во Париз идната година, како и на Европското првенство со 21 година кое ќе се игра во 2025 година.
Дебито на клупата на младата репрезентација на Франција, Анри ќе го има на седми септември, во пријателскиот натпревар против Данска, а четири дена подоцна ќе игра против Словенија во квалификациите за ЕП.
Тиери Анри тренерската кариера ја започна како помошник на Роберто Мартинес во репрезентацијата на Белгија, по што во октомври 2018 година седна на клупата на Монако, но остана само три месеци.
Во ноември 2019 година беше назначен за тренер на МЛС-тимот Монтреал импакт, каде што остана две сезони, по што се врати во стручниот штаб на белгиската репрезентација.