Ансу Фати е на чекор до нов почеток, овојпат во Франција. Барселона и Монако постигнале договор за позајмица на шпанскиот офанзивец.
Договорот е речиси заокружен, остануваат само финалните детали, а Монако веќе ги закажал медицинските прегледи за Фати. Планот е 22-годишниот фудбалер да биде испратен на едногодишна позајмица, со опција за откуп во висина од 12 милиони евра.
Барселона сепак си го обезбедува својот интерес, ако Монако реши да го купи, Каталонците ќе задржат значителен процент од идната продажба на талентираниот напаѓач.
По неколку тешки сезони и обиди за враќање во форма, Фати добива нова шанса за рестарт во Лига 1, и тоа во екипа која гради амбициозен проект.