Антиќ не му се лути на МЗТ Скопје, дури и лобира за билет за АБА-лигата

Перо Антиќ вели дека секогаш ќе работи во интерес на македонската кошарка и дека не му е лут на раководството на МЗТ Скопје, како што потенцира, и покрај нападите од таборот на Аеродромци кон него.

Првиот човек на нашата кошаркарска федерација вели дека лично се залага преку своите контакти во АБА-лигата за МЗТ Скопје да добие билет за настап во најсилното натпреварување во Регионот.

„Многу се големи шансите за тоа. И ние навистина правиме сè што е во наша моќ да помогнеме. Постојано комуницирам со Небојша Човиќ, првиот човек на Црвена ѕвезда, со директорот на Игокеа, Вук Радивојевиќ. Од секоја страна се обидувам да извршам ’притисок’ и да помогнам колку што можам, без разлика на личните односи во моментов со раководството на клубот од Аеродром. Тврдам и секогаш ќе кажувам дека МЗТ Скопје го заслужува тоа, а го заслужува и Македонија поради целата кошаркарска традиција што ја има“ вели Антиќ за интернет-страницата на КФСМ.

Во таборот на МЗТ Скопје беа незадоволни со одлуката првенството да се прекине и да не се доигра, а патем и да нема шампион за сезоната 2019/20.

Оттаму побараа КФСМ да им ги врати парите што во март ги уплатија на сметка на Федерацијата, а се работи за нешто повеќе од 17 илјади евра.

Аеродромци се надеваат на настап во АБА-лигата, откако и плејофот во АБА 2 на којшто требаше да играат нема да се одржи. Можно е Приморска поради финансиски проблеми да се откаже, а популарните Штркови се први на листата на чекање, бидејќи завршија како третопласирани во регуларниот дел од АБА 2 лигата, а двете првопласирани екипи веќе се нови членови на АБА лигата.

Антиќ најави дека раководството на КФСМ сè уште прави една екипа да добие специјална покана за настап во АБА 2 лигата од идната сезона.

„Сите во Федерацијата напорно работиме за да се оствари ова и би сакале да се искористи шансата. И не е само тоа, туку се обидуваме да истуркаме уште една екипа во АБА 2 со специјална покана. Од општ интерес на македонската кошарка е да имаме колку што е можно повеќе претставници на меѓународна сцена, затоа правиме напори да бидеме инволвирани и да излеземе во пресрет на сите што им треба помош.

Добро е да се вклучи и државата затоа што знаеме дека на сите им се потребни пари за да егзистираат и бележат успеси. Им помагаме на клубовите и во врска со ваучерите бидејќи некои не успеваат во целост да ги искористат средствата кои ги нуди овој систем. А јасно е колку се тие потребни, особено ако сакаат да играат надвор од земјава“, додава Антиќ.

- Оглас -

Најнови вести