Претседателот на Македонската кошаркарска федерација, Перо антиќ вели дека шпекулации се најавите дека има незадоволство кај клубовите во мак-баскетот и дека се бара негова превремена смена од челната позиција. Антиќ вели дека Федерацијата под негово раководство секогаш помагала на сите клубови.
„Свесни сме за тие шпекулации, запознати сме како оди тој процес, добивме информации од одредени клубови под притисок, ни кажуваат, од кој, како, но одиме пополека, ќе видиме како ќе се одвива процесот. Можам само да кажам дека нема клуб на кој не сме му помогнале од младинските па се до клубови од Првата лига. Работиме за убаво, и за доброто на македонската кошарка, и ќе продолжиме исто така“, рече Антиќ.
Генералниот секретар на федерацијата, Владимир Георгиевски, се надоврза и рече:
„Досега нема официјален документ доставен до федерацијата, некако се е на база на разговори, има разно-разни зборувања. Не е проблем, можеме да се соочиме со програмите и со визиите на оние кои сметаат дека се подобри од нас, ако излезат со факти, каде се грешките, што не е направено. Но досега индиректни странични објави, било каква иницијатива, нема поднесено. Лошо и илузорно е да дискутираме за нешто што не се случило. Ако нешто се промени, тука сме, ќе видиме“, потенцираше Георгиевски.
Антиќ посочи дека оваа сезона за прв пат по 14 години пауза, во Првата машка лига ќе има спонзор, а тоа е МТЕЛ. Со поддршката од МТЕЛ за претстојната натпреварувачка сезона односно 2024/2025 клубовите од Првата лига мажи ќе бидат целосно ослободени од котизацијата за учество.
„Кога го преземавме раководството, котизацијата беше 10.000 евра. Ние одлучивме да ја намалиме на 8.000 евра, а сега најдовме и спонзор кој ќе ја преземе и таа обврска за клубовите. Соработката е потпишана на една година, но се надеваме дека со взаемен успех ќе биде продолжена. Веќе некое време работиме и на случајот на најдеме и партнер за соработка за Првата лига жени, за да ги подобриме условите и во женската конкуренција“, рече Антиќ на денешната прес конференција.