Антиќ: Првата лига наскоро ќе добие спонзор кој ќе ги ослободи клубовите од доста трошоци

Перо Антиќ останува на чело на Кошаркарската федерација на Македонијa и во наредните четири години откако на денешното Изборно собрание беше единствен кандидат и доби 40 гласа За од 41 делегат. Тој во првиот говор по реизборот најави дека Првата лига наскоро ќе добие спонзор.

„Ви благодарам на сите за укажаната доверба. Ветувам дека ќе работиме уште понапорно во периодот кој што следува. Веќе работиме на тоа да обезбедиме нови спонзори. Верувам дека ќе бидете пријатно изненадени, посебно прволигашите. Конечно, така како што беше поставено во програмата, конечно ќе има спонзор на Првата машка кошаркарска лига. Клубовите ќе бидат ослободени од доста трошоци. Но, очекувам дека тоа ќе биде официјализирано за три-четири дена. Уште еднаш голема благодарност до сите“, беа првите зборови на старо-новиот претседател на КФМ.

Главна цел во новиот мандат ќе биде да се работи подобро од претходниот.

„Ние не гледаме на годините и на мандатите, сакаме само да работиме и да продолжиме да создаваме услови. На стартот на првиот мандат имавме проблеми со коронавирузот, но сега сме на нозе, поискусни сме и знаеме на каде се движиме. Кошарката е во подем, ние мора да создадеме подобри услови и на тоа работиме. Целите се создавање на подобри услови за развој на младите. Младите се број еден и на сите треба да се концентрираме. Исто и во А-репрезентацијата гледаме да имаме што е можно помлади играчи, да не чекаме да наполнат 30 години, па да ги вклучуваме. Сакаме да им дадеме шанса на сите таленти да покажат што можат. Смената на генерации некогаш е неминовна. Така беше со нас по таа 2011 година во Литванија. И мора да имаме трпение со новите момци. Тие се оние кои треба да ги чекаме и тие ќе бидат нашата иднина. Сакаме да имаме што е можно млади играчи кои десет до петнаесет години ќе бидат заедно во националниот тим. Ќе истрпиме дури и некои резултатски порази, но тоа ќе биде една школа за сите нив“, рече Антиќ.

 

 

- Оглас -

Најнови вести