Возачот на Мерцедес, тинејџерот Андреа Кими Антонели, изјави дека е пресреќен што ја остварил првата победа во кариерата во Формула 1, и што ѝ го донесе на Италија првиот триумф по пауза од 20 години.
„Без зборови сум, речиси плачам. Многу им благодарам на мојот тим затоа што ми помогнаа да го остварам мојот сон. Пресреќен сум што сум првиот Италијанец што победил по 20 години. Вчера реков дека навистина сакам да ја вратам Италија на врвот и денес го направивме тоа, иако на крајот си зададов мал срцев удар при доцното сопирање, што предизвика да се блокира едно тркало, но беше добра трка“, рече Антонели.
Претходната Ф1 победа за Италија ја имаше Џанкарло Физикела на трката за Големата награда на Малезија, која се одржа на 19-ти март 2006 година. Антонели тогаш не бил ни роден.
Антонели стана вториот најмлад победник во историјата на Формула 1, рекордот сè уште го држи Макс Ферстапен, кој славеше во 2016 година на возраст од 18 години и 228 дена.
Многумина мислат дека неговото име Кими е од почит кон финскиот шампион Кими Раиконен, но вистината е поинаква. „Кими“ е неговото официјално средно име и го предложил Енрико Бертаџа, близок пријател на неговиот татко Марко. Причината била чисто естетска и фонетска: Кими звучел добро со Андреа и Антонели, давајќи му на името меѓународен изглед.

