Антонио Конте е нов тренер на Интер

Тоа што со денови се најавуваше, рано утрово беше потврдено. Антонио Конте е нов тренер на Интер. Италијанскиот стратег доаѓа на местото на Лучијано Спалети, кој неодамна доби отказ од „Џузепе Меаца“. По пауза од една година, Конте се враќа на тренерската работа, а по три години, повторно ќе биде дел од италијанскиот фудбал.

Конте последно го водеше тимот на Челзи, и тоа во периодот од 2016 до 2018 година. Во двете сезони донесе трофеј на „Стемфорд бриџ“. Во првата сезона стана првак на Премиер лигата, додека следната сезона го освои ФА купот, но сепак не ја одработи последната година од договорот со лондонскиот тим. Сезонава која што измина, Конте не работеше никаде.

Пред да замине во Челзи, Конте ја предводеше репрезентацијата на Италија во периодот од 2014 до 2016 година. На селекторската функција дојде како тренер на Јувентус. Како предводник на Старата дама, Конте се радуваше на три титули во Серија А (2012, 2013 и 2014 година).

„Започнува ново поглавје во мојот живот и навистина сум возбуден. Го одбрав Интер бидејќи тоа е клуб со големи амбиции. Бев изненаден од клупската транспарентност, но и од желбата да се врати Интер таму каде што припаѓа“, рече Конте по промоцијата.

Како тренер, Конте има работено уште во Арецо, Бари, Аталанта и Сиена. Сега, негова цел ќе биде да го одведе Интер до шампионската титула и да ја прекине доминацијата на Јувентус, која трае осум години.

https://twitter.com/Inter/status/1134308521212702720

- Оглас -

Најнови вести