Атлетико Мадрид е казнет со 602 евра поради недоличното однесување на навивачите во дербито против Барселона кое се одигра изминатиот викенд. Домашните навивачи во знак на револт почнаа да фрлаат предмети откако Меси го постигна победничкиот гол за Каталонците во финишот од средбата, а меѓу предметите се најде и чадор.
Според записникот на судијата Матеу Лахос, предметите биле упатени кон капитенот на Барса, но, за среќа, ниту еден од фудбалерите не се здоби со повреда. Во меѓувреме, каталонското радио тврди дека Атлетико ќе плати двојно помалку отштета, односно само 301 евро.
Шпанскиот првак напоредно бара санкции за одредени навивачи на Атлетико кои константно го навредуваа Антоан Гриезман, ексиграчот на Јорганџиите, кој од оваа сезона е член на Барселона. Во неколку наврати од трибините се слушале песни од типот „умри Гриезман“, но Дисциплинската комисија нема доволно докази за да го санкционира клубот од Мадрид.