Фудбалерите на Барселона и навивачите синоќа имаа фешта прославувајќи ја титулата во домашното првенство. Освен во првенството, Барселона ги освои и пехарите во Купот на Шпанија и Суперкупот на земјата.
Сепак, остана една „болна точка“ за Барселона барем кога се работи за успесите сезонава. Тоа е неуспехот да се стигне до трофејот во Лига на шампиони. По неверојатна драма, Барселона беше елиминирана во полуфиналето од Интер со вкупен резултат од 7:6 по двата меча.
„Многу сум среќен. Го заслуживме ова славје како ние фудбалерите, така и навивачите. Никој не веруваше во нас пред почетокот на сезоната, но ние освоивме три трофеи на крајот. Жалиме што не успеавме да ја освоиме и Лига на шампиони, но ќе го освоиме и тој трофеј во иднина“, порача Роналд Араухо на вчерашната фешта низ улиците на Барселона.
Каталонскиот гигант веќе 10 години чека на трофеј во Лига на шампиони. Последен пат беа на континенталниот трон во 2015 година.