Арбелоа брои отсутни пред двомечот со Манчестер сити

Реал Мадрид се соочува со сериозна кадровска криза пред двомечот со Манчестер сити во ЛШ откако листата на повредени играчи продолжува да се зголемува.

Најновото име на оваа листа е Алваро Карерас, кој сигурно ќе го пропушти првиот натпревар, додека неговото учество во реваншот на „Етихад“ останува неизвесно. Во Мадрид се надеваа на негово брзо закрепнување, но процесот оди побавно од очекуваното, што претставува дополнителна главоболка за тренерот Алваро Арбелоа.

Тимот веќе е ослабен бидејќи од претходно надвор се Килијан Мбапе, Џуд Белингам, Едер Милитао и Дани Себаљос. Дополнително, повреден е Давид Алаба, а Родриго ќе отсуствува до крајот на 2026 година поради сериозна повреда.

Поради ова, на позицијата покрај левата аут-линија се очекува да настапи Ферлан Менди, кој се врати на терените по долг период на рехабилитација. Францускиот дефанзивец оваа сезона има само четири настапи во сите натпреварувања, а во петокот против Селта во Виго првпат по долго време одигра цел натпревар од 90 минути.

Дополнително, проблемот со повредите се комбинира со падот на формата на тимот, што го прави дуелот со Манчестер сити уште потежок.

Првиот натпревар меѓу Реал Мадрид и Манчестер сити е закажан за в среда, со почеток во 21:00 часот. Потоа Кралевите ќе имаат првенствен дуел против Елче во сабота, а реваншот со Манчестер сити ќе се одигра следниот вторник на „Етихад“.

- Оглас -

Најнови вести