Алваро Арбелоа денеска го одржа првиот тренинг како главен тренер на Реал Мадрид, а ја одржа и првата прес-конференција на која одговори на многу прашања и беа отворени многу теми.
„Ова е посебен ден за мене. Тука сум 20 години, ова е мојот дом, во најдобриот клуб во историјата. Свесен сум за одговорноста што ја имам и многу сум возбуден. Вчера попладне бев информиран дека клубот сака јас да го преземам тимот. Секако дека разговарав со Чаби, сите тука знаат за пријателството што го имам со него. Го ценам многу и го сакам и знам дека е взаемно. Она што го разговарав со Чаби ќе остане меѓу нас. Тој ми посака среќа, и јас би го направил тоа за него“, рече Арбелоа, кој исто како и Чаби, како играч настапуваше и за Реал и за Ливерпул.
Егото на некои играчи не го загрижува Арбелоа, а што се однесува до Жозе Мурињо, Арбелоа нема да го имитира.
„Не сум разговарал со него. За мене беше привилегија да ме тренира, тој имаше големо влијание врз мене. Ако се обидам да бидам како Мурињо, ќе доживеам спектакуларен неуспех. Имав многу тренери. Сите беа многу важни во мојата кариера, го црпам најдоброто од секој од нив. Освоиле сè во фудбалот. Се надевам дека ќе постигнам половина од тоа“, рече Арбелоа.
За односот со Винисиус, кој не беше во најдобри односи со Чаби Алонсо, Арбелоа смета дека нема да имаат проблем.
„Имам среќа што го имам Вини. Сите го видовме финалето на Суперкупот, тоа е Вини што сакаме да го видиме, оној што ужива, кој се смее, кој танцува… Гледам група желни играчи, голема волја, и тие имаат ист ентузијазам како мене, да се борат за сè и да победуваат“, заклучи Арбелоа, кој утре против Албасете во Купот на Шпанија ќе го има дебито на клупата на Кралскиот клуб.

