Реал Мадрид доживеа шокантен пораз и загуби на домашен терен од Хетафе со 0-1, па сега има заостанување од четири бода во однос на лидерот на првенствената табела, Барселона. Сепак, и покрај заостанувањето, тренерот на Кралевите е оптимист и вели дека до крајот на првенството во игра се уште 36 бода.
„Во игра се уште 36 бода и нашата цел е да ги освоиме. Знам дека по поразот сè изгледа многу црно и дека нема многу надеж кога ќе изгубите на ваков начин, но ние сме Реал Мадрид. Четири бода е разлика која можеме да ја стигнеме. Мислам дека имавме подобри шанси од Хетафе и дека можеме многу подобро. Од првата минута се обидувавме да дадеме гол. Имавме неколку шанси од кои заслуживме да дадеме гол, но и Хетафе направи одлична работа. Имаме одлични фудбалери. Целта ни е да напредуваме. Ги разбирам критиките, но ние заслуживме да постигнеме повеќе голови“, рече Арбелоа по поразот од Хетафе.

