Арбелоа: Реал Мадрид ги има наjдобрите играчи и треба да биде најдобриот тим во светот

Тренерот на Реал Мадрид, Алваро Арбелоа, одржа прес-конференција во пресрет на првиот четвртфинален натпревар од Лигата на шампионите против Баерн Минхен. Натпреварот се игра утре од 21 часот на „Сантијаго Бернабеу“.

„Утре сакам да го видам тој Реал Мадрид кој секогаш знаел како да се носи со најсилните противници. Имаме посебна историја со Баерн и сигурен сум дека нè очекува уште една голема вечер во Лигата на шампионите на ‘Бернабеу’. За да победиш, мораш да бидеш на високо ниво во сите фази од играта. За да станеш голем тим, потребни се заедништво и колективен дух. Тоа се работите што најчесто им ги нагласувам на фудбалерите. Реал Мадрид ги има најдобрите играчи и мора да бидеме најдобриот тим во светот. Треба да го ставиме индивидуалниот талент во служба на тимот“, изјави Арбелоа.

Тој се осврна и на квалитетите на противникот.

„Баерн е одлично организиран тим со препознатлив стил на игра. Играат многу агресивно во одбраната и ги тераат противниците постојано да се враќаат назад. Кога ја имаат топката, создаваат опасности по крилата со помош на исклучително талентирани фудбалери.

Сметам дека Баерн е многу избалансирана екипа со многу силни страни. Една од нив е посветеноста во одбраната. Венсан Компани заслужува пофалби затоа што врши одлична работа“, додаде тренерот на Кралевите.

Арбелоа го прокоментира и фактот дека шестмина играчи на Реал се на работ на суспензија пред реваншот во Минхен.

„Не можам многу да влијаам на тоа. Утрешниот натпревар носи голем влог и играчите знаат дека ако треба да добијат жолт картон за доброто на тимот, ќе го направат тоа“, заклучи Арбелоа.

- Оглас -

Најнови вести