Арбелоа: „Реал Мадрид ја пишувал својата историја со големи пресврти“

Тренерот на Реал Мадрид, Алваро Арбелоа, смета дека работата за реваншот против Баерн Минхен започнува уште од натпреварот со Жирона вечерва.

Реал треба да направи подвиг во Минхен за да се пласира во полуфиналето на Лигата на шампионите по поразот од 1:2 на свој терен, но пред тоа тимот ја пречекува Жирона во натпревар од Ла Лига. Тренерот нагласи дека нема да им даде одмор на клучните играчи. „Не сме во позиција за експерименти“, изјави Шпанецот.

„Од моментот кога судијата го означи крајот, во главите веќе ни е реваншот во Минхен и веруваме дека сме способни да направиме нешто таму. Реал Мадрид ја има напишано својата историја со големи пресврти, но прво мора да се фокусираме на вечерниот натпревар. Тоа е нешто што често им го повторувам на играчите – дуелот во среда започнува после Жирона“, додаде тој.

„Имаме доволно време за опоравување, ќе имаме четири дена потоа и секој мора да го даде најдоброто. Тоа е единствената цел – да одиграме добар натпревар“, рече Арбелоа.

Тренерот се стави во одбрана на Винисиус, кој беше исвиркан од дел од навивачите по поразот од Баерн. „Знаете што мислам за Вини, што значи тој за мене и за нашите навивачи. Свирежите, верувам, се дел од барањата на навивачите и ги гледам како нешто нормално и природно. Ова е Реал Мадрид и барањата се на највисоко ниво“, додаде тој.

Белингам и Милитао, кои влегоа како резерви против Баерн, најверојатно ќе бидат стартери во петок, додека Менди може да биде искористен како резерва.

- Оглас -

Најнови вести