Реал Мадрид на „Сантијаго Бернабеу“ утревечер ќе го пречека Манчестер сити во првиот меч од осминафиналето во Лигата на шампионите. Улогата на фаворит ја има Манчестер сити, но Реал Мадрид е рекордерот со 15 европски титули и Кралевите најчесто знаеле да се справат со сите предизвици.
И тренерот на Реал Мадрид, Алваро Арбелоа, е полн со оптимизам, иако знае дека неговиот тим ќе има голем предизвик.
„Ние сме Реал Мадрид и од никого не се плашиме. Во дуел со ниту еден ривал не сме инфериорни, па така ќе биде и против Манчестер сити. Многу добро го познаваме противникот, клубот, тренерот Пеп Гвардиола и играчите. Тие беа шампиони на Европа пред две години, но ние не се плашиме, ќе играме за да победиме“, вели Арбелоа, кој додаде дека секогаш владее самодоверба во редовите на Реал и никогаш не е паметно да се „провоцира“ Реал Мадрид кога се работи за дуел во Лигата на шампионите.
Дури деветпати Реал и Сити играле меѓу себе во Лигата на шампионите во последните четири години и осумпати било со гол-гол комбинација, а во просек има над три погодоци.
„Дуелите меѓу Реал и Сити се претворија во Ел Класико во Лигата на шампионите“, заклучи Арбелоа.

