Реал Мадрид вечерва го пречекува Монако во меч од Лигата на шампионите, но главна тема на официјалната прес-конференција повторно беше Винисиус и свирежите упатени кон него на првенствениот меч против Леванте.
„Сакам и очекувам поддршка од ‘Бернабе’ за сите играчи, пред сè за Винисиус. Ќе биде на теренот секогаш кога е достапен и кога ќе има ваков учинок. Како тренер на Реал, ако сакам да имам шанса за победа, ми треба Винисиус на теренот“, вели Алваро Арбелоа.
Тренерот на Кралевите се осврна и на „акциите за слабеење на клубот“, како што ги нарече.
„Знам дека постојат акции за слабеење на Реал Мадрид и знам кој ги организира“, рече Арбелоа, на што доби новинарско прашање: Кој ги организира?
Одговорот на тренерот на Кралевите беше: „Вие сте новинари. Јас сум тренер на Реал и посветен сум на натпреварот против Монако. Во тоа ја вложувам мојата енергија и ентузијазам.“

