Турскиот фудбалер на Реал Мадрид, Арда Ѓулер, јавно ги отфрли тврдењата на Серхат Пекмезџи, поранешен раководител на скаут-службата на Фенербахче и човек кој имал значајна улога во почетокот на неговата професионална кариера.
Пекмезџи изјави дека младиот играч за врска бил жртва на притисоци и несоодветен однос од одредени соиграчи во шпанскиот гигант, но Ѓулер реши лично да стави крај на шпекулациите.
„Со тага ги прочитав последните јавни изјави на поранешниот скаут Серхат Пекмезџи, кој одигра важна улога во почетокот на мојата кариера. Од првиот ден во Реал Мадрид бев исклучително топло пречекан од сите во клубот и отсекогаш сум го сметал ова место за мое семејство“, напиша Ѓулер во официјалното соопштение.
Тој додаде дека е исклучително горд што го носи дресот на Kралскиот клуб и дека сака уште долги години да го носи дресот на Реал.
„Имаме многу силен тим и се чувствувам среќен и горд што ја делам соблекувалната со моите соиграчи. Ве молам да не обрнувате внимание на какви било коментари или информации поврзани со ова прашање“, порача 20-годишниот фудбалер.
Арда Ѓулер е член на Реал Мадрид од летото 2023 година, кога пристигна од Фенербахче како еден од најталентираните млади играчи во Европа.

