Аргентина е трета на Копа Америка, ама пак им се лути на судиите

Аргентина со 2-1 го доби натпреварот против Чиле за кој двете селекции велеа дека не им е многу важен, но со оглед на случувањата во првото полувреме, не беше така. „Гаучосите“ се трети на Копа Америка, а Чиле кој ја освојуваше титулата на претходните две изданија во 2015 и 2016 година, сега остана без медал.

На арената Коринтијанс во Сао Пауло, Серхио Агуеро и Пауло Дибала погодија за Аргентина, а Артуро Видал од пенал намали на 1-2. Во 37-ма минута, исклучени беа Лионел Меси и Гари Медел. За Меси ова беше втор црвен картон во репрезентативната кариера, после оној на дебито во националниот тим против Унгарија кога беше исклучен после само 43 секунди откако влезе во игра. Како играч на Барса, нема црвен картон, но има еден додека како младинец играше за вториот тим на каталонците во 2005 година.

Иако победија, во Аргентина не се задоволни од судењето. Голот го примија од пенал кој беше доделен после преглдување на снимка, а немаше гледање во ВАР собата за спорните моменти на дуелот против Бразил.

За Аргентина останува надежта дека следната година кога заедно со Колумбија ќе биде домаќин, ќе успее да ја освои Копа, натпреварување во кое 26 години не го освоиле победничкиот пехар. Црвениот картон за Меси значи дека тој нема да игра на првиот дуел од квалификациите за СП 2022.

- Оглас -

Најнови вести