Репрезентацијата на Аргентина е првиот финалист на Копа Америка откако утрово без многу проблеми со 2:0 ја победи Канада. Јулијан Алварес и Лионел Меси беа стрелци на головите по кои Гаучосите се изборија за јубилејното 30-то финале на континенталното натпреварување.
Фаворитот поведе со 1:0 во 22-рата минута, кога Алварес одлично реагираше и со гол низ нозете на противничкиот голман донесе радост за аргентинските фанови. Сите дилеми и неизвесноста беа решени на почетокот на второто полувреме, кога Лионел Меси погоди за 2:0.
За Меси ова беше 109-ти погодок во 186 настапи во дресот на Аргентина и сега го помина легендарниот ирански голгетер Али Даеи, кој имаше 108 погодоци во 148 средби. На репрезентативно ниво, пред Меси е само Кристијано Роналдо со 130 гола во дресот на португалската селекција во 212 настапи.
Во последните 25 меча за Аргентина, Меси постигна дури 28 гола. На Копа Америка Лео стигна до 14 погодоци во 38 средби и сега е само три гола зад апсолутниот рекорд, кој го држат Норбето Мендес од Аргентина и Зизињо од Бразил. Двајцата дале по 17 гола на Копа Америка.
Аргентина во финалето го чека подобриот од дуелот Уругвај – Колумбија, кој се игра ноќеска.