Спектакуларна ноќ во Јужна Америка, каде што се играа натпревари од квалификациите за Светското првенство во 2026. Светскиот шампион Аргентина, но и Бразил доживеаја порази на гостински терен од Колумбија, односно Парагвај.
Аргентина без Лионел Меси загуби од Колумбија со 2-1, а најдобар играч во победничкиот состав беше Хамес Родригес, кој со гол и асистенција ја донесе победата за домашните. Хамес во 25-тата минута асистираше за голот на Москера, а во 60-тата минута со гол од пенал ги постави конечните 2-1 за Колумбија. Голот за Аргентина беше дело на Николас Гонзалес во 48-мата минута.
За Аргентина ова е втор пораз во квалификациите, но со 18 бода и понатаму останува лидер во јужноамериканските квалификации.
Многу покомплицирана е ситуацијата на Бразил, кој го доживеа четвртиот пораз во квалификациите. Парагвај победи со минимални 1-0 со прекрасниот погодок на Диего Гомес во 20-тата минута.
Венецуела и Уругвај одиграа без голови, 0-0, Боливија изненадувачки победи на гостувањето кај Чиле со 1-2, додека Еквадор со минимални 1-0 славеше на домашен терен над Перу.
На табелата во водство е Аргентина со 18 бода, пред Колумбија со 16 и Уругвај со 15. Следуваат Еквадор (11), Бразил (10), Венецуела (10), Парагвај (9), Боливија (9), Чиле (5) и Перу (3).