Аргентина со две победи во кои не прими ниту еден гол го обезбеди првото место од групната фаза на Копа Америка, па мечот против Перу нема да има големо значење за Гаучосите.На овој дуел, Аргентина ќе биде многу ослабнета како на теренот, така и на клупата.
Поради повреда ќе го нема капитенот Лионел Меси кој се пожали на повреда и затоа ќе го пропушти мечот против Перу. Се очекува тој да биде подготвен за многу поважните дуели во нокаут фазата.
За разлика од Меси, селекторот Лионел Скалони нема да биде на клупата како предводник поради суспензија. Банална е причината поради која Скалони ќе паузира на еден меч. На првите два меча што ги играше Аргентина, Скалони „заборави“ навреме да ги врати фудбалерите на теренот за време на паузата од полувремето.
По првиот меч против Канада, Скалони беше опоменат да внимава да не го прекорачи времето од 15 минути за паузата, а потоа во второто коло на полувремето против Чиле се случи истото. Од федерацијата на Чиле поднесоа жалба поради ова непримерно однесување на Аргентинците, па селекторот Скалони сега мора да одлежи еден меч суспензија, па нема да биде предводник од клупата на дуелот против Перу.