Со натпреварот против Аргентина, репрезентацијата на Македонија за ракометари до 19 години, вечерва од 20.30 часот во спортскиот центар „Борис Трајковски“ го почнува својот дебитантски настап на Светско првенство во оваа возрасна категорија. Домашниот терен треба да биде предноста која избраниците на Данило Брестовац треба да ја претворат во успешен старт на младинскиот Мундијал кој се одржува во Скопје, и ќе трае две недели.
Македонските ракометари се во група со Аргентина, Данска, Бахреин, Јапонија и Нигерија. Примарна цел е место во осминафиналето на Мундијалот, односно освојување на едно од првите четири места во групата. Во подготвителниот период, „црвено-жолтите“ одиграа само еден меч, оној во петокот против Чиле, кој го добија со 32-26.
Според квотите во Sport Life, домашните се фаворити, и очекувањата се триумф над младите „гаучоси“, со што ќе се направи прв чекор кон пласман во осминафиналето.
„Ја анализиравме играта на Аргентина со помош на снимки од Пан-америанските игри. Во тие земји повеќе се игра на турнири. Многу тешко е да се дојде до материјал, а добро е што ги најдовме од тие игри, па затоа одигравме натпревар со Чиле за да почуствуваме како е да се игра против селекции од овој дел на светот. Ова е важен меч ако сакаме да направиме нешто во групата. Мора да победиме ако сакаме да се бориме во елиминациската фаза“ рече селекторот Брестовац.