Со три победи од три меча, аргентинската фудбалска репрезентација е единствената со перфектен биланс во квалификациите од Јужна Америка за пласман на Светското првенство во 2026 година. Не само што е перфектна со бодови, Аргентина е единствена која уште нема примено ниту еден гол.
Актуелниот светски првак ноќеска ќе има нов предизвик, а тоа е гостување кај Перу. Оваа селекција по три кола има само еден бод и уште нема постигнато ниту еден гол. Освен актуелната форма на двете селекции, на страната на Аргентина е и традицијата, која вели дека во последните 15 меча против Перу, Гаучосите имаат 11 победи и четири нерешени средби, без ниту еден пораз.
Аргентина е во феноменална форма. Во последните четири години селекцијата предводена од Лионел Меси одигра 50 натпревари и загуби само еднаш. Единствениот неуспех во овие четири години е тој на стартот од Мундијалот во Катар, кога неочекувано беа поразени од Саудиска Арабија со 1:2.