Дефанзиецот на Зенит, Емануел Мамана откри дека два пати бил на чекор од извршување самоубиство. Најтрагичниот период во животот, Мамана го имал додека настапувал за Ривер плејт, а причина за тоа било смртта на неговите родители.
„По смртта на татко ми, чувствував дека имам загубено сѐ. Претходно веќе почина и мајка ми и размислував дека треба да прекинам со играње фудбал. Дури размислував и да се самоубијам и тоа два пати. Ми беше многу тешко. Тоа беа два-три многу критични месеци, кои едвај успеав да ги пребродам“, вели Мамана кој додаде дека од Ривер плејт многу му помогнале кога му било најтешко.
Во 2016 година, Мамана го напушти Ривер и се пресели во Европа, односно во тимот на Олимпик Лион. По само една година помината во Франција, тој направи трансфер во Русија, во тимот на Зенит, каде и сега настапува. За среќа, Аргентинецот сега е психички многу постабилен и лошиот период од животот и моментите кога размислувал да се самоубие се зад него.