Маркoс Рохо пристигна на „Олд Трафорд“ во 2014 година и требаше да биде фудбалер кој ќе биде незаменлив во одбраната. Во првите три сезони Рохо добиваше доволна минутажа, но и честите проблеми со повредите го спречуваа да го даде максимумот.
Како што изминуваа сезоните, Аргентинецот паѓаше во формата и во заборав, па многу почесто беше на клупата отколку на теренот. Во последниве три сезони одигра само 14 меча во Премиер лигата, па повеќе од јасно беше дека за брзо време ќе си замине.
Рохо има договор со Манчестер до крајот на сезоната, но веќе си замина од клубот и сега ќе игра како позајмен играч во Естудијантес во Аргентина. Овој клуб не е случајно одбран од Рохо. Тоа е неговиот матичен клуб, каде што во 2008 година ја започна одличната кариерата. Дефанзивецот откри дека одбрал да се врати во Естудијантес по советот на неговата мајка.
„Имав доста понуди во јануари, но нема ништо подобро од тоа да се вратиш дома. Мајка ми ми рече да се вратам и јас ја послушав. Сакам да играм, да ја вратам формата во којашто бев пред неколку години. Среќен сум што сум повторно тука и едвај чекам повторно да заиграм за саканиот клуб“, откри Рохо, додавајќи дека овој потег е најдобар за него во моментов.
Аргентинскиот дефанзивец во Европа има играно и за Спартак Москва и Спортинг Лисабон. Во дресот на репрезентацијата на Аргентина има одиграно 61 меч.