Фудбалската репрезентација на Аргентина е проценета на 645 милиони евра и е речиси 300 милиони евра поскапа од тоа што е проценката на вредноста на селекцијата на Хрватска, направена според престижниот Трансфермаркт. Аргентина и Хрватска утре ќе играат меѓусебе во првото полуфинале на Светското првенство во Катар, а победникот ќе добие шанса да се бори за највредниот трофеј во фудбалот.
Најскап играч кај Гаучосите е Лаутаро Мартинез кој е проценет на 75 милиони евра. Потоа следи дефанзивецот на Тотенхем, Кристијан Ромеро со вредност од 55 милиони евра, а Лионел Меси и Лисандро Мартинез се проценуваат на 50 милиони евра. Анхел Кореја се проценува на 40 милиони евра, а Родриго де Пол е со вредност од 35 милиони евра.
За разлика од Аргентина, кај Хрватска со најголема вредност е одличниот централен дефанзивец, Јошко Гвардиол. Младиот 20-годишен Гвардиол се проценува на 60 милиони евра. Зад него се Матео Ковачиќ (40 милиони евра), Марсело Брозовиќ (35), Марио Пашалиќ (25), Ловро Мајер (22), Никола Влашиќ (20), Борна Соса (20), Лука Сушиќ (20)… „Мозокот“ на хрватската репрезентација, Лука Модриќ кој има 37 години го нема на оваа листа меѓу највредните 10 кај Коцкестите, но факт е дека искуството и знаењето на капитенот на оваа селекција нема како да се измери во вредност со милиони евра.