Лионел Меси најави дека финалето на Мундијалот во Катар ќе биде последен негов меч на Светските првенства. Капитенот на Аргентина сонува за освојување на титулата на планетарнтие собири. Ова ќе биде негово второ финале откако во 2014 година Аргентина во продолженијата загуби од Германија со 1:0. Сега Меси има втора и последна шанса да биде национален херој како што тоа беа Марио Кемпес во 1978 и Диего Марадона во 1986 година. Франција ќе биде ривалот на Гаучосите во неделното финале.
Во Катар има повеќе од 40.000 аргентински навивачи, а националниот авиопревозник закажа два дополнителни лета за навивачите кои сакаат специјално да пристигнат за да го гледаат финалето. Двата лета брзо беа распродадени, иако цените беа многу високи.
„Благодарение на победите на фудбалерите, ние можевме да закажеме уште два дополнителни лета. Мораме да им дадеме дополнителна поддршка за последниот меч и се надеваме дека повторно ќе ја освоиме светската титула“, вели претседателот на авиокомпанијата, Паоло Черијани.
Вкупно имало 540 авиобилети за двата лета, а еден комплет за одење и враќање чинел дури 11.000 долари. Летото од Буенос Аирес до Доха трае дури 19 часа, со застанување во Рим да се дополни гориво.