Поразот на Баер Леверкузен дома од Волфзбург од 0-1, и особено триумфот на Мајнц од 3-2 против Лајпциг, се двете изненадувања на денешните попладневни натпревари во Бундеслигата.
По победата против Аспирините, Волфзбург се изедначи со нив по бројот на бодови и се искачи на четврто место. Тоа беше единствен меч на кој не беше „гол-гол“.
Мајнц немаше ниту една домашна победа сезонава, а денеска славеше и тоа против второпласираниот Лајпциг, иако Црвените бикови водеа со 2-1. Два гола за домашните даде Ниакате, а претходно тој вкупно два гола имаше дадено на последните 81 средби во Бундеслигата.
Ајнтрахт ја прегази Арминија во Билефелд со 5-1, во меч на кој Португалецот Андре Силва постигна два гола и сега тој има 14 погодоци на 17 настапи сезонава. Во листата на стрелци во финишот се запиша и Лука Јовиќ, за кого ова е трети гол на третиот меч по враќањето во Германија. Србинот за Реал Мадрид даде само два гола.