Марко Арнаутовиќ повторно ќе игра во Серија А, откако ги договорил личните услови со калчолигашот Болоња. Шпицот со најскап трансфер во историјата на австрискиот фудбал, остварен во 2019 година кога за 25 милиони евра од Вест Хем мина во Шангај порт сега треба да најде чаре да го раскине договорот што се уште му е важечки со кинескиот клуб до 2022 година.
Арнаутовиќ играше една сезона во Интер во 2009/10 како позајмен играч и со само три натпревари му се погоди да освои триплета во најуспешната сезона на Нероаѕурите.
Тогаш беше соиграч на Горан Пандев и се закити со титулата во Серија А, во Купот на Италија и во Лигата на шампионите.
Арнаутовиќ има 32 години, играше за Австрија на Европското првенство што е во тек и постигна еден гол, против Македонија на премиерата за двете репрезентации во Ц групата на 13. јуни.