Австрискиот напаѓач Марко Арнаутовиќ на шега повика на иден државен празник на 18 ноември за да се одбележи првиот настап на Австрија на Светско првенство од 1998 година. Репрезентацијата обезбеди место на планетарниот собир кој следната година ќе се игра во САД, Канада и Мексико откако во последниот меч од квалификациите, Австрија во Виена одигра нерешено 1-1 против Босна и Херцеговина.
„Ова е порака до Владата. Ова е порака до претседателот, до канцеларот – би сакал сите во Австрија да имаат празник на 18 ноември бидејќи веројатно нема повторно да го доживееме ова, бидејќи по Светското првенство Арни си заминува“, изјави 36-годишникот, кој ќе се повлече од репрезентацијата по завршувањето на Мундијалот.
Арнаутовиќ е рекордер по бројот на настапи во дресот на австриската репрезентација и по бројот на постигнати голови. Досега има 130 меча во националната селекција, а постигнал 47 гола.
„Им посакувам на сите сè најдобро, останете здрави, не пијте премногу“, додаде Арнаутовиќ на забавата по натпреварот кој значеше дека Австрија заврши како прва во групата и си обезбеди „виза“ за планетарниот собир во 2026 година.

