Австрија конечно одигра меч каков што посакувавме во овие квалификации, а играта во второто полувреме е модел за нас како да продолжиме понатаму на патот кон Европското првенство, вели Марко Арнаутовиќ.
Расположен по победата на Австрија во Скопје, убедлива со 4:1, шпицот на Вест Хем објасни дека сепак не било толку лесно за гостите.
„Се нервирав на полувремето, дури и имаше доза на критика меѓу нас. Не ми се веруваше дека можеме да утнеме толку шанси како што го направивме тоа во првите 45 минути. Некако потсвесно верував дека ќе експлодираме во второто полувреме и, за наша среќа, тоа и се случи. Бевме подобри и заслужено победивме, па сега сме на добар пат“, додаде Арнаутовиќ.
Постигна два гола, сите пет ги дадоа Австријците, вклучувајќи го и автоголот на Хинтерегер за предност на Македонија од 1:0, но потоа ни се случи потоп.
Арнаутовиќ, Сабицер, Лазаро и сите останати австриски репрезентативци одиграа на врвно ниво и заслужено слават.
„Ние знаевме дека имаме квалитет, но досега некако резултатите не беа соодветни со игрите што ги прикажувавме. Победата против Македонија нѐ врати во живот“, заврши опасниот напаѓач на Австрија.