Ливерпул доживеа вистински дебакл и загуби од Кристал палас со 0-3 на „Енфилд роуд“ во меч од англискиот Лига куп. За Црвените ова беше шестиот пораз на последните седум меча, па веќе сè погласно се зборува и за отказ на Арне Слот.
Сепак, холандскиот тренер има објаснување за поразот од Кристал палас, но и воопшто за кризата во Ливерпул.
„Луѓето кои го следат овој клуб знаат дека во ова натпреварување им даваме шанса на помладите играчи. Сакаме да им дадеме пат за развој, да играат пред 60.000 гледачи, пред нашите сопствени навивачи — тоа е една од причините. Другата причина е што имаме четири или пет повредени играчи, но ако мора повторно да играм со нив… Постојат многу причини зошто изгубивме толку многу натпревари — нема оправдување за тоа, но не помогна фактот што речиси секогаш имаме само два дена меѓу натпреварите, па потоа играме како гости, а потоа пак следува гостување, така што постојано играме со истите играчи. Кога, на пример, се обидов со Александар Исак — играч кој ја пропушти претсезонската подготовка — тоа се покажа како голем ризик за нова повреда. Во моментов имаме само 15-16 фудбалери на располагање“, рече Слот.
Ливерпул веќе во сабота на домашен терен ја пречекува Астон вила во меч од Премиер лигата.

