Арне Слот: Не го намаливме темпото по победата над Манчестер сити

Менаџерот на Ливерпул, Арне Слот, им оддаде признание на своите играчи за нивниот настап во победата од 2-0 против Њукасл. Овој триумф значи уште еден голем чекор кон титулата во Премиер лигата.


Слот, кој мечот го гледаше од трибините поради суспензија, беше задоволен што неговиот тим не се опушти по викенд-победата над Манчестер сити, туку дури го подигна нивото на игра.

„Најважно е што победивме. Ова повеќе наликуваше на нашите претходни победи оваа сезона. Против Сити беше потешко, но тоа беше посебен натпревар. По ремијата со Евертон, Вулверхемптон и со Астон вила многумина почнаа да се сомневаат во нас и тогаш беше важно да реагираме правилно. Но, ова сега е уште поважно. По победата над Сити имаше ризик од преголема самодоверба. Само тимовите што имаат големи амбиции успеваат да подигнат уште повеќе интензитет по ваква победа. Затоа играчите заслужуваат пофалби”, изјави Слот.

Тој истакна дека пред победата над Манчестер сити, неговиот тим беше под критики поради неодамнешните резултати, но по тој триумф атмосферата драстично се променила.

„По мечот со Сити добивме многу пофалби, но пред тоа имавме две ремија и имаше многу прашања за нашиот тим. Тогаш 9 од 10 луѓе знаеја дека треба да работиме напорно. По победата над Сити, расположението беше премногу позитивно, па затоа ни требаше вистинскиот менталитет за да се соочиме со силниот тим на Њукасл само неколку дена подоцна”, додаде Холанѓанецот.

Ливерпул сега ќе има одмор за време на викендот бидејќи е елиминиран од ФА купот.

„Тоа има и негативна страна бидејќи некои играчи што имаа потреба од минути, немаа можност да играат. Од друга страна, добиваме неколку дена одмор. Жал ми е што испаднавме од ФА купот, но ова ќе биде корисно за некои играчи кои имаат потреба од пауза, иако можеби не и за оние кои сакаа да бидат повеќе време на теренот”, заврши Слот.

- Оглас -

Најнови вести