Помалку од 10 дена остануваат до крајот на летниот преоден рок во Европа, а еден од трансферите кои се очекуваат да бидат реализирани е тој на грузискиот голман Ѓорѓи Мамардашвили од Валенсија во Ливерпул.
Мамардашвили имаше одлична сезона во Валенсија, а потоа блесна и на голот на грузиската репрезентација на Европското првенство во Германија, каде неговата селекција стигна до нокаут фазата. Се беше подготовено за голманот да си замине од Валенсија, шпанскиот тим дури најде и негова замена и тоа во името на македонскиот голман Столе Димитриевски.
Сепак, засега Мамардашвили не си оди од Валенсија, иако Ливерпул се најавува како негова следна дестинација. Тренерот на Ливерпул, Арне Слот имаше свој коментар околу трансферот на голманот и воопшто фактот дека Црвените не донесоа ниту едно големо ново име на „Енфилд роуд“.
„Не сум загрижен што уште немаме доведено нови играчи. Имам доверба во овој тим. Наследив многу добар тим. Играчите во првото коло покажаа дека ја заслужуваат таа доверба. Договор со Мамардашвили? Се додека не биде потпишан договорот, нема да зборувам ништо околу тоа“, рече Слот.
Валенсија вечерва гостува кај Селта во Виго и според најавите, Мамардашвили ќе биде прв голман, а Димитриевски повторно ќе остане на клупата за резерви.