Менаџерот на Ливерпул, Арне Слот, се огласи по најтешкиот пораз на неговиот тим оваа сезона. „Црвените“ беа поразени со 0:4 од Манчестер Сити во четвртфиналето на ФА Купот.
„Првото полувреме беше доста изедначено, но губевме со 0:2 на паузата. По паузата излеговме со надеж дека ќе се вратиме во натпреварот, но веднаш бевме казнети и примивме уште два гола. Единственото позитивно е што не примивме повеќе, но четири гола се четири гола“, изјави Слот.
Тој не го криеше разочарувањето од начинот на кој дојде елиминацијата.
„Многу разочарувачки, не само поради испаѓањето, туку и поради начинот и резултатот. Уште едно големо разочарување за нас. Ни недостасуваа работите што ни недостигаат во голем дел од сезоната – не ги реализираме шансите. Натпреварот беше изедначен до пеналот. И минатиот пат кога игравме со нив ни дадоа гол пред пауза, а сега повторно се случи истото“, додаде тој.
Холандскиот тренер беше запрашан и за настапот на Мохамед Салах, кој промаши неколку шанси, вклучително и пенал.
„Не би се фокусирал на еден играч, туку на целиот тим. Промашениот пенал можеби ја отсликува нашата игра и голем дел од сезоната. Мора да постигнуваш голови ако сакаш да победиш“, заклучи Слот.

