Арне Слот по убедливата победа: „Во ПСЖ сигурно не се среќни што ќе играат против нас“

Ливерпул испрати моќна порака на „Енфилд“ и со убедливи 4:0 против Галатасарај направи целосен пресврт, обезбедувајќи место во четвртфиналето на Лигата на шампионите. По поразот од 0:1 во Истанбул, Црвените одговорија во шампионски стил, а следна пречка им е ПСЖ.

Тренерот Арне Слот не го криеше задоволството од изданието на својот тим, посебно истакнувајќи ја врската меѓу играчите и навивачите.

„Одигравме натпревар каков што сите посакувавме – јас, играчите и навивачите. Имавме речиси совршена енергија и синхронизација“, изјави Слот.

Холандскиот стратег беше импресиониран од интензитетот, пресингот и менталната стабилност на екипата, нагласувајќи дека Ливерпул целосно го контролирал натпреварот.

„Уживав речиси во секоја минута. Начинот на којшто притискавме, како реагираа навивачите, како одговоривме на нивната игра – сè беше на високо ниво. Единствено можеме да жалиме што не реализираме повеќе од шансите што ги создававме оваа сезона. Денес не му дозволивме на противникот ниту една вистинска шанса“, додаде тој.

За крај, Холанѓанецот се осврна и на следниот ривал – ПСЖ.

„Минатата сезона нѐ надиграа во Париз, но на ‘Енфилд’ бевме одлични и загубивме на пенали. Искрено, не мислам дека сега се послаби (се смее). Но, по оваа вечер сигурно нема да им биде пријатно да играат против нас“, порача Слот.

- Оглас -

Најнови вести